Понеделник, 24 Март 2025
Дома Клуб 200 Новости Анализи За Нас Контакт

Новости

Интервју со Јордан Анчовски: Како ИЦЕМАК стана глобален лидер во индустријата за несмртоносно оружје

Во ова интервју, Јордан Анчовски, извршен директор на ИЦЕМАК, ги открива тајните на успехот на една од нашите најиновативни компании во индустријата за нелетална муниција.

Од почетокот, кога компанијата била фокусирана на производство исклучиво само на производи за временска модификација, до денес, кога ИЦЕМАК е глобален лидер во производството на не-летална муниција, патот не бил лесен. Но, со упорност и визија, тие го освоиле светскиот пазар. Јордан зборува за одлучноста што стои зад иновациите, стратегијата за глобален раст и партнерствата кои ги отвориле новите врати. Ова интервју ќе ви пренесе не само големите предизвици, туку и личната страст и посветеност на луѓето кои стојат зад успехот на една компанија која денес е симбол за квалитет и сигурност.



1. Што ве инспирираше да започнете или да водите компанија во индустријата за нелеталнa муниција и како тоа се одразува на мисијата на вашата компанија? 

Нашата компанија е основана во 2004 година, додека изградбата на фабриката започна во 2006 година, а сериското производство беше започнато во 2008 година. Првично, нашата работа беше насочена исклучиво кон производство на производи за временска модификација, кои всушност беа основниот мотив за создавање на компанијата.

Основачот на компанијата, и моментално ко-сопственик, г. Дончо Анчовски, работеше како консултант за една од водечките компании во САД во областа на временската модификација. Во соработка со оваа американска компанија беше формирана ИЦЕМАК, каде 49% од сопственоста припаѓаше на американската компанија, а 51% на г. Дончо Анчовски.

Со текот на времето, еден од производствените погони беше адаптиран за производство на не-смртоносна муниција, односно муниција со солзавец. Постепено, поради потребата од овие производи глобално, производството на не-смртоносна муниција стана главна дејност на компанијата, претставувајќи 90% од вкупното годишно производство.


2. Што ја издвојува вашата компанија во однос на иновации и доверливост на пазарот за оружје? 

Пазарот на оружје денес е многу комплексен поради големиот број компании ширум светот кои се занимаваат со производство и трговија. На пример, во многу земји, доколку оружјето не влегува во државата каде што се наоѓа компанијата која ја врши трговијата, трансферот не мора да биде пријавен. Ова овозможува компании и поединци со малку искуство и знаење да се занимаваат со оваа дејност. Наспроти тоа, во нашата земја секој трансфер на оружје и воена опрема е строго контролиран од страна на државата. Нашата компанија ги поседува сите потребни согласности за вршење на оваа дејност од Владата на РСМ, Министерството за внатрешни работи и Министерството за економија и труд, што на нашите партнери им обезбедува сигурност дека сите трансфери се извршуваат прописно и во согласност со регулативите на РСМ.

Што се однесува до иновациите, нашата компанија располага со сопствен тим за развој кој може лесно да ги модифицира постојните производи според барањата на клиентите, како и, доколку е потребно, да развие нови, специфични производи. 



3. Како осигурувате дека вашите производи ги задоволуваат различните потреби на глобално ниво? 

Во денешниот динамичен свет на трговијата со оружје и воена опрема, купувачите, односно крајните корисници, сè повеќе бараат брзи испораки, а значителен дел од нив инсистираат и на висок квалитет (во зависност од регионот од кој доаѓаат). Главниот фокус, според тоа, е насочен кон обезбедување одличен квалитет и брза испорака.

Во однос на квалитетот, освен строгата влезна контрола на репроматеријалите, нашата компанија соработува со Министерството за одбрана и приватните стрелишта. Оваа соработка ни овозможува редовно тестирање на нашите производи и континуирано следење на секојдневното производство.

Што се однесува до производствените капацитети, во изминатиот период вложивме значителни средства во автоматизација на три клучни производствени процеси. Со тоа, не само што постигнавме подобар и постојан квалитет, туку и тројно го зголемивме дневниот производствен капацитет.

   

4. Која е вашата визија за раст на компанијата во следните пет години и каква улога играат партнерствата или инвестициите во постигнувањето на таа визија? 

Дел од ова прашање веќе го покривме во претходниот одговор, каде што споменавме дека инвестициите во автоматизација и модернизација на производствените процеси во изминатите две години се дел од долгорочниот план на компанијата. Целта е во следните неколку години да автоматизираме 80-90% од процесите. Дополнително, во соработка со македонска компанија, наскоро ќе инсталираме софтвер за следење на производството, кој ќе овозможи оптимално искористување на вработените во производствениот процес. Учестувањето на меѓународни саеми за оружје и воена опрема, исто така, е клучен дел од нашата стратегија за раст во наредните години. Нашата крајна цел е да бидеме меѓу лидерите во производството на не-смртоносна муниција.


5. Можете ли да споделите конкретен пример како едно партнерство ѝ помогнало на вашата компанија да влезе на нови пазари или да иновира?  

Секако, од 2015 година нашата компанија има стратешки партнер од Блискиот Исток – компанија со идентичен производствен програм како нашиот. Наместо да бидеме конкуренти, постигнавме договор за стратешко партнерство, според кој нашиот партнер се обврза да купува од нас секоја година, додека ние обезбедуваме ексклузивни услови при продажбата. Преку ова партнерство, нашата компанија добива пристап до нови пазари на кои работи нашиот партнер.

Оваа соработка е од голема важност за нас, бидејќи обезбедува стабилен прилив на средства. Често развиваме или модифицираме производи специјално за потребите на нашиот партнер, поттикнувајќи иновации.

Следната година планираме да воспоставиме уште едно вакво стратешко партнерство со компанија од Северна Америка. 


6. Како градите односи со купувачите за да создадете долгорочна доверба и заемно развивање? 

Според мене, искреноста во бизнисот е основа за успешна и долгорочна соработка и градење доверба. Како и во секој друг бизнис, и во нашиот се соочуваме со различни предизвици, било да станува збор за проблеми со набавки, логистика или самиот производствен процес. Сепак, секојдневната и отворена комуникација со клиентите е клучна за надминување на сите овие проблеми. 


7. Која повратна информација од клиентите или партнерите имала најголемо влијание во обликувањето на пристапот на вашата компанија? 

Мислам дека веќе напоменав дека квалитетот и навремената испорака се клучни фактори кои се важни за секој клиент. Често бараме од клиентите да споделат свои предлози за подобрување на производите или да дадат мислења за модификации, со цел нашите производи да бидат што подобро прилагодени на нивните потреби. 


8. Кој е најголемиот предизвик со кој сте се соочиле како извршен директор и како го надминавте? 

Не би можел да издвојам конкретен предизвик, бидејќи навистина имаше многу. Сепак, сметам дека надминувањето на проблемите во првите неколку години од работењето на компанијата беше еден од најголемите предизвици што успеавме да ги совладаме, а тоа најмногу се должи на упорноста на основачот на компанијата г. Дончо Анчовски.

На самиот почеток, неконзистентноста на договорите и нарачките создаваше значителни финансиски проблеми, особено ако се земе предвид дека од 2008 до 2015 година постојано бевме изложени на задолжувања преку кредити кон банките. Исто така, овој недостаток на стабилност кај договорите и нарачките создаваше тешкотии во обезбедувањето континуирана работна сила за компанијата. Ова беше резултат на фактот дека нашите производи не се комерцијални и не се продаваат на слободниот пазар, туку се строго контролирани и наменети за корисници како МВР и МО.

Дополнително, како новоформирана компанија, бевме непознати на светскиот пазар. Сепак, верувам дека упорноста во справувањето со многубројните предизвици и проблеми беше клучна за успехот, што со текот на времето ја издигна нашата компанија во реномиран и препознатлив производител на не-смртоносна муниција. 


9. Кој е најгордиот момент во вашата кариера досега во оваа индустрија? 

Самото постоење на светскиот пазар за трговија со оружје и воена опрема повеќе од 15 години е значаен успех за нашата компанија. Сепак, би го издвоил фактот дека модернизацијата на компанијата во последните две години, заедно со конзистентноста во обезбедувањето договори и нарачки, за нас претставува најголем успех.


10. Кои се највозбудливите технолошки трендови што ги гледате во индустријата за нелетална муниција?  

Во последно време, како што знаете, беспилотните летала наоѓаат примена во многу сектори, особено во одбранбената индустрија. Така, кога станува збор и за не-смртоносната муниција, сè повеќе се појавува тренд истата да се испалува од лансери монтирани на беспилотни летала. Следејќи ги овие светски трендови, нашата компанија исто така започна со развој на ваков систем. Очекуваме овој систем да биде подготвен за презентација на еден од петте најголеми светски саеми за оружје и воена опрема, кој ќе се одржи во јуни 2025 година во Истанбул, каде нашата компанија ќе има свој штанд.


11. Како ги едуцирате заедницата и клиентите за важноста и придобивките од нелеталнота муниција, но и за сигурноста? 

Прекумерната употреба на сила од страна на полициските единици е честа тема на дискусија ширум светот. Ние, секако, не го поддржуваме таквото однесување. Сепак, доколку протестите преминат во насилство, полицијата е должна да употреби сила за да ги заштити мирните демонстранти и објектите каде што се одржуваат протестите. Во вакви ситуации, операторите кои користат не-смртоносна муниција мора да бидат соодветно едуцирани и обучени.

Нашата компанија, во соработка со професионалци, нуди обуки и тренинзи кои вклучуваат и теоретски и практичен дел. Како заклучок, за да се избегнат повреди, неопходно е операторите да бидат темелно обучени и подготвени за различни сценарија.


Погледнете го профилот на ИЦЕМАК ТУКА.

СИВЕЦ® Мермер: Симбол на Луксуз и Безвременска Убавина

Еден од најквалитетните мермери во светот, СИВЕЦ® – исклучиво ваден и обработуван од Мермерен Комбинат во Прилеп, Република Македонија, се издвојува со својата неприкосновена белина, издржливост и разновидност

ЕВН Македонија: Профил

Со години наназад, оваа компанија не само што обезбедува сигурна и квалитетна електрична енергија, туку и работи на создавање подобра иднина за сите граѓани.

Конти Хидропласт: Профил на Компанијата

Како еден од водечките производители на пластични цевки и фитинзи, компанијата поставува нови стандарди во индустријата, создавајќи решенија што ги обликуваат заедниците и носат сигурност за идните генерации.
Годишно издание

The “200 Largest and Successful” review is very helpful for us from the international community. Indeed, the French Embassy is always looking for useful economic indicators and your review allow us to be well informed and to easily identify the most important economic agents of the Macedonian market. Your publication is also one of the best to stay up-to-date with Macedonian fast-moving economy and we are pleased to receive each new edition.

Laurence Auer, Амбасадорот на Франција во Скопје

Учесници
Соработници

Користиме колачиња (cookies) за да Ви овозможиме најдобро искуство на нашиот сајт