ИЦЕМАК ДОО е компанија која постои од 2004 година, а своето производство го започнала во 2008 година, креирајќи првично производи, односно пиротехника за временска модификација. Денес, компанијата е глобален лидер во производството на нелетална муниција, или несмртоносно оружје.
Благодарение на иновациите, истрајноста, проширувањето на дејноста но и ориентираноста на задоволување на потребите на крајните потрошувачи, денес компанијата може да се пофали со позитивни резултати, благодарение на кои ја утврди својата позиција во семејството на 200 НАЈГОЛЕМИ И НАЈУСПЕШНИ.
ИЦЕМАК ДОО, Скопје, ја заврши 2023 година со вкупен приход од 506.897.139 денари и со добивка пред оданочување од 123.066.091 денари.
Во споредба со претходната 2022 година, компанијата забележа раст на добивката пред оданочување од 169,02%, и благодарение на тоа се искачи на 177. место на ранг листата на најуспешните македонски компании.

Обезбедувањето на сертификати во денешно време не е само нужно за да може да опстои една компанија, туку ваквите документи се и доказ за квалитетот на производите што таа компанија ги нуди.
ИЦЕМАК ДОО уште од своите почетоци ги стекнала неопходните сертификати за да може да ги нуди своите услуги, како на домашниот, така и на глобалните пазари.
Во 2008 година, кога компанијата го отворила првиот погон за производство на пиротехника за временска модификација, веднаш ги обезбедила сите неопходни лиценци од владата на Република Македонија за непречено производство.
Во 2010 година, компанијата ја проширила дејноста и еден од погоните ги пренаменила за производство на несмртоносна, односно нелетална муниција.
Денес, компанијата произведува повеќе видови на вакви производи, коишто се одобрени од македонската армија и полиција.
Дополнително, во 2012 година, компанијата добила дозвола од владата на Република Македонија за да може да врши увоз, извоз и посредништво на сите видови оружје и воена опрема.
„Пазарот на оружје денес е многу комплексен поради големиот број компании ширум светот кои се занимаваат со производство и трговија.
На пример, во многу земји, доколку оружјето не влегува во државата каде што се наоѓа компанијата која ја врши трговијата, трансферот не мора да биде пријавен.
Ова овозможува компании и поединци со малку искуство и знаење да се занимаваат со оваа дејност.
Наспроти тоа, во нашата земја секој трансфер на оружје и воена опрема е строго контролиран од страна на државата.
Нашата компанија ги поседува сите потребни согласности за вршење на оваа дејност од Владата на РСМ, Министерството за внатрешни работи и Министерството за економија и труд, што на нашите партнери им обезбедува сигурност дека сите трансфери се извршуваат прописно и во согласност со регулативите на РСМ“ , појаснува во интервју за club200 косопственикот и извршен директор на ИЦЕМАК ДОО, г-дин Јордан Анчовски.

ИЦЕМАК ДОО во своето 20-годишно постоење остварила голем број клучни стратешки партнерства со компании од регионот, ЕУ, САД, како и блискиот Исток.
Освен што врши стоковна размена, односно увоз и извоз на конвенционално оружје, муниција, воена и опрема со двојна намена, компанијата може да се пофали дека денес произведува над 70 различни производи, кои се одобрени од македонската армија и полиција, а се користат од мировните сили на ОН, како и голем број други вооружени и полициски сили во светот.
Дејноста на ИЦЕМАК вклучува, дизајн, производство и достава на несмртоносна муниција за полициските и воените сили на глобално ниво.
Како што напоменува извршниот директор на компанијата, г-дин Анчовски, кога станува збор за иновациите, важно е да се нагласи дека ИЦЕМАК ДОО располага со сопствен тим кој што може лесно да ги модифицира постојните производи според барањата на клиентите, како и да развие нови специфични производи, на барање на крајните потрошувачи.
Како што нагласува, главниот фокус на компанијата во моментов е фоксуиран на главните барања на клиентите, а тоа е обезбедување квалитет и брза испорака.
„Во однос на квалитетот, освен строгата влезна контрола на репроматеријалите, нашата компанија соработува со Министерството за одбрана и приватните стрелишта.
Оваа соработка ни овозможува редовно тестирање на нашите производи и континуирано следење на секојдневното производство.
Што се однесува до производствените капацитети, во изминатиот период вложивме значителни средства во автоматизација на три клучни производствени процеси.
Со тоа, не само што постигнавме подобар и постојан квалитет, туку и тројно го зголемивме дневниот производствен капацитет“ – нагласува тој.

Оттука, станува јасно дека ИЦЕМАК има јасна визија за раст и развој на компанијата.
Плановите се во иднина да се автоматизира околу 80-90% од производствениот процес, а во план е инсталирање и софтвер за следење на производството, кој ќе овозможи оптимално искористување на капацитетите и трудот во компанијата.
15-01-2026
14-01-2026
13-01-2026
Публикацијата „200 Најголеми и Најуспешни“ е многу корисен извор на информации којшто на секој инвеститор му дава прецизна слика за финансиското и деловното работење на 200-те најголеми и најуспешни компании во Република Македонија.
Пазарот на хартии од вредност во основа го придвижуваат информации и во интерес на Берзата во најширока смисла е што поголем број на податоци за работењето на друштвата да бидат достапни на јавноста за да може да се носат правилни и издржани инвестициски одлуки.
Користиме колачиња (cookies) за да Ви овозможиме најдобро искуство на нашиот сајт