Сабота, 08 Август 2026
Дома Клуб 200 Новости Анализи За Нас Контакт

Новости

Од Гевгелија до Европа: Конти – Хидропласт пет децении гради индустриски успех

Како котираше Конти-Хидропласт во последните пет години во рамки на 200 НАЈГОЛЕМИ И НАЈУСПЕШНИ? Која беше досега најуспешна година со над 135% раст на добивката?
Од Гевгелија до Европа: Конти – Хидропласт пет децении гради индустриски успех

Конти – Хидропласт со години наназад е една од трите најуспешни и најголеми компании од Гевгелија. Оваа компанија, ситуирана во најјужниот град на Македонија со децении наназад придонесува не само за равојот на локалната економија, туку во пошироки рaамки и за целокупната економија на Македонија.

Конти – Хидропласт е извозно ориентирана компанија, чијашто основна дејност е производство на ПЕ (полиетиленски) и ПП (полипропиленски) црева и цевки.

Нејзините зачетоци се уште во поранешна Југославија, односно во 1975 година, кога била основана како мала фабрика за производство на алати и елементи од лиена пластика.

Денес, Конти – Хидропласт е „гигант“ за македонски услови, кој дури 95% од сопственото производство ги пласира на меѓународните пазари.

Оттука, јасно е дека успешноста на компанијата во голема мера не зависи само од локалните случувања, туку во голема мера врз нејзиниот развој и успешност влијаат и геополитичките случувања и економските движења како во Европа, така и во светот.

Тоа е забележително и доколку се погледнат финансиските резултати од последните три години, пришто станува јасно дека случувањата во Европа во голема мера влијаат и врз развојот на нашите компании кои своите производи ги пласираат на тамошните пазари.

Финансиските резултати за 2024 година покажуваат извесно забавување на растот во споредба со претходните години.

Сепак, кога тие ќе се анализираат во поширок контекст – од развојот на компанијата во изминатите пет години, до случувањата на европските пазари – станува јасно дека не станува збор за структурен проблем, туку за компанија која, и покрај понеповолните економски услови, ја задржува својата лидерска позиција во дејноста.

Лого Конти Хидропласт

 

Пет години силен раст, по што следува период на стабилизација

Финансиските податоци на Конти – Хидропласт опфатени во рамки на проектот 200 НАЈГОЛЕМИ И НАЈУСПЕШНИ овозможуваат јасно да се следи развојот на компанијата во подолг временски период.

Тие ги покажуваат трендовите на развој на компанијата од 2003-та година, па наваму, а од графиконот лесно зе забележуваат осцилациите, односно скоковите на остварените приходи, но и на добивката на компанијата.

Од 2019 година наваму Конти – Хидропласт бележи континуиран раст, а најголемиот исчекор го остварува во периодот по пандемијата.

Компанијата најголемиот „скок“ го забележала во 2021 година, кога растот на вкупните приходи во споредба со претходната година бил за 17,39%, а добивката пред оданочување скокнала за неверојатни 135,25%.

Во следната 2022 година продолжува позитивниот тренд: приходите растат за 41,69%, додека добивката се зголемува за дополнителни 26,88%.

И во 2023 година компанијата успева да го задржи позитивниот тренд. Приходите се повисоки за 12,48 проценти, а добивката пред оданочување бележи раст од 2,44 проценти.

Она што е особено интересно е што дури и во период кога европската економија почнува постепено да забавува, Конти – Хидропласт успева да ја подобри сопствената профитабилност.

Во споредба меѓу 2023 и 2024 година приходите се намалуваат за 4,46%, но добивката пред оданочување сепак расте за 9,70%.

Таквиот резултат покажува дека компанијата успешно ги контролира оперативните трошоци, ја подобрува ефикасноста на производството и успева да ја зачува профитабилноста и покрај послабата побарувачка.

Финансиски податоци Бар Чарт

2024 година – прво посериозно забавување по неколку успешни години

Последната 2024 година е можеби најпредизвикувачка во поновата историја на Конти-Хидропласт, ако се погледнат бројките.

Финансиските резултати за 2024 година покажуваат прво поизразено забавување на растот по повеќегодишниот позитивен циклус.

Имено, компанијата оостварила вкупни приходи од 3,048,570,633 денари, или околу 49,6 милиони евра, а добивката пред оданочување изнесувала 459,715,396 денари, или околу 7,5 милиони евра.

Процентуално гледано, приходите во оваа фискална година опаднале за 5,34% во однос на претходната, додека добивката бележи пад за 18,28%.

Сепак, кога се гледа пошироката слика на развојот на компанијата во последните пет години, и импресивниот раст од претходните фискални години, станува јасно дека тука не може да се зборува за енормно опаѓање, туку за можна блага стагнација, предизвикана од тековите и движењата на пазарите каде што компанијата ги извесува своите производи.

Со други зборови, не станува збор за драматичен пресврт, туку за период на стабилизација по неколку години исклучително динамичен раст.

Тоа го потврдуваат и рангирањата во рамки на проектот „200 НАЈГОЛЕМИ И НАЈУСПЕШНИ“, каде Конти – Хидропласт во 2024 година е рангирана на 101. место меѓу најголемите компании во Македонија, додека според успешноста се наоѓа на 42. место, што уште еднаш ја потврдува нејзината позиција меѓу водечките индустриски компании во земјата.

Финансиски податоци Табела

Година на стагнација и намалување на европските пазари

Со оглед на тоа што Конти – Хидропласт е извозно ориентирана компанија, којашто најголем дел од своите производи ги пласира на европските пазари, јасно е дека нејзиниот раст во голема мера зависи од тамошните текови и геополитичките случувања и нејзините финансиски резултати не може да се гледаат изолирано од тамошните случувања.

Зголемувањето на цените на оперативните трошоци, зголемените цени на ресурсите, но и стагнацијата во некои од индустриските гранки, како градежништвото, се само некои од можните причини за благиот пад на финансиските параметри во работењето ан овој гевгелиски гигант.

Имено, во 2024 година, според релевантните статистички податоци, е забележан пад на извозот од Македонија за  6,45%, што само по себе укажува на намалената побарувачка.

Дополнително, ова беше година кога се чувствуваше забавување на градежната активност во Европа, особено кај инфраструктурните и станбените проекти, а истовремено, производителите на пластични цевководни системи работеа во услови на засилена ценовна конкуренција и повнимателни инвестиции од јавниот и приватниот сектор.

Во вакви околности, компаниите кои најголемиот дел од своето производство го извезуваат логично се почувствителни на секоја промена на побарувачката отколку компаниите што работат претежно на домашниот пазар.

Оттука, падот на приходите и добивката кај Конти – Хидропласт не треба да се гледа како показател за слабеење на компанијата, туку како одраз на економските движења на пазарите каде што таа традиционално настапува.

Пластични цевки

Лидерството не се мери само преку една финансиска година

Но, и покрај предизвикувачката година што ја оставија зад себе, Конти – Хидропласт продолжуваат со својата цел и мисија за развој и експанзија.

Во текот на своето работење компанијата изгради репутација на производител кој ги исполнува највисоките европски стандарди за квалитет, безбедност и долговечност на производите.

Нејзините полиетиленски и полипропиленски цевководни системи се користат во бројни инфраструктурни проекти, водоводни и канализациски системи, индустриски постројки и гасоводни мрежи, како во Македонија, така и во повеќе европски држави.

Овој долгогодишен континуитет претставува една од најголемите конкурентски предности на компанијата. За разлика од компании кои зависат од краткорочни пазарни циклуси, Конти – Хидропласт гради стабилен развој преку долгорочни партнерства, континуирани инвестиции и високо ниво на доверба кај своите клиенти.

Компанијата ја задржа водечката позиција во производството на пластични цевководни системи, продолжи со сертифицирање на производите според највисоките европски стандарди и ја зацврсти својата позиција како еден од најголемите македонски извозници во индустријата.

Во услови кога целокупната европска градежна индустрија се соочуваше со забавување, ваквата позиција претставува показател за стабилност и долгорочна конкурентност.

Во текот на последните години Конти – Хидропласт доби нови европски сертификати за производите PE100-RC, кои претставуваат потврда дека цевководните системи ги исполнуваат највисоките барања за механичка отпорност, сигурност и долговечност.

Истовремено, компанијата се стекна и со Environmental Product Declaration (EPD) – меѓународно призната декларација која го документира влијанието на производот врз животната средина во текот на неговиот животен циклус.

Овој документ станува сè поважен предуслов за учество во европските инфраструктурни проекти, каде што покрај цената и квалитетот, сè поголемо значење имаат и критериумите поврзани со одржливото производство и заштитата на животната средина.

Со ваквите сертификати Конти – Хидропласт дополнително ја зацврстува својата позиција на европските пазари и создава предуслови за понатамошен раст во годините што следуваат.

Конти Хидроплст Саем

Од Македонија до Европа, преку Гевгелија

Влијанието на Конти – Хидропласт одамна ги надминало рамките на Гевгелија.

Како компанија која вработува околу 200 лица, таа претставува еден од најголемите работодавци во регионот и значаен двигател на локалната економија.

Истовремено, високата извозна ориентација ја прави важен учесник во македонската надворешнотрговска размена и една од компаниите кои директно придонесуваат за зголемување на извозот и приливот на девизи во државата.

Во време кога македонската економија има потреба од што поголем број конкурентни извозно ориентирани компании, ваквите индустриски системи претставуваат важен фактор за долгорочен економски раст.

Конти Хидропласт 20 години

Половина век континуитет како гаранција за идниот развој

Резултатите за 2024 година покажуваат дека Конти – Хидропласт се соочува со предизвиците што ги носат меѓународните пазари, но истовремено потврдуваат дека компанијата располага со стабилни основи за понатамошен развој.

Повеќе од пет децении континуирани инвестиции, модернизација на производството, развој на нови производи и ориентација кон европските пазари создадоа компанија која успешно се адаптира на различни економски циклуси.

Иако финансиските показатели во 2024 година покажуваат одредено забавување во однос на претходните години, Конти – Хидропласт останува меѓу најуспешните индустриски компании во Македонија и лидер во производството на пластични цевководни системи.

 

Токму затоа, финансиските резултати од една година не ја менуваат пошироката слика.

Напротив, тие покажуваат дека компанијата успешно го поминува периодот на стабилизација, задржувајќи ја конкурентноста, извозната ориентација и високите стандарди за квалитет што со децении ја издвојуваат од конкуренцијата.

АЛМА-М: Регионална компанија што ги носи светските брендови на Балканот

АЛМА-М: Регионална компанија што ги носи светските брендови на Балканот

Зошто АЛМА-М игра важна улога во развојот на трговијата во Македонија и соседството? Како котира компанијата на ранг листите, во период на ценовни шокови
СУПЕРТРЕЈД: Како партнерството со Gulf Oil изгради бизнис со приходи од 11,5 милијарди денари?

СУПЕРТРЕЈД: Како партнерството со Gulf Oil изгради бизнис со приходи од 11,5 милијарди денари?

Со приходи од речиси 11,5 милијарди денари, СУПЕРТРЕЈД и во 2024 година останува меѓу најголемите компании во Македонија и еден од најзначајните играчи во трговијата со нафтени деривати.
МА ГАМИНГ: Добивка од 44%, над 700 вработени и 58 клубови

МА ГАМИНГ: Добивка од 44%, над 700 вработени и 58 клубови

Како котира МА ГАМИНГ во рамки на 200 НАЈГОЛЕМИ И НАЈУСПЕШНИ? Кои се главните предуслови што ја прават оваа компанија меѓу најуспешните во својата дејност?
Годишно издание

The “200 Largest and Successful” review is very helpful for us from the international community. Indeed, the French Embassy is always looking for useful economic indicators and your review allow us to be well informed and to easily identify the most important economic agents of the Macedonian market. Your publication is also one of the best to stay up-to-date with Macedonian fast-moving economy and we are pleased to receive each new edition.

Laurence Auer, Амбасадорот на Франција во Скопје

Учесници
Соработници

Користиме колачиња (cookies) за да Ви овозможиме најдобро искуство на нашиот сајт