Понеделник, 15 Јуни 2026
Дома Клуб 200 Новости Анализи За Нас Контакт

Новости

ИГМ-трејд - Македонски гигант и еден од најголемите инвеститори во земјата

Во 2023 година ИГМ-трејд оствари вкупна добивка пред оданочување од 990,053,276 денари и се најде на 12. место на ранг листата на Најуспешните македонски компании.

Кога се зборува за „ИГМ-Трејд“, мора да се напомене дека оваа кавадаречка компанија, основана во 90-тите години на минатиот век е вистински пример за тоа како еден локален бизнис со вистинска идеја, визија и вработување на вистински кадри може да прерасне во регионален и глобален играч.

Основана како компанија за трговија со производи од црната металургија, денес „ИГМ-трејд“ е еден од најголемите производители на челични заварени цевки и профили во Европа.

Компанијата со децении наназад е горд член на семејството на 200 НАЈГОЛЕМИ И НАЈУСПЕШНИ, а во 2022 година го зазеде и високото второ место на ранг листата на најуспешните.

Но, она што е најважно да се напомене се и големиот број на инвестиции кои компанијата ги направила во последниот период, а кои дополнително придонесуваат за нејзиниот развој.

Според податоците од Царинската управа на Македонија, „ИГМ-Трејд“ е еден од најголемите инвеститори во земјата, со капитални инвестиции во 2023 година во износ од 15 милиони евра, додека вредноста на извозот што го остварила компанијата се проценува на 120 милиони евра.

Инвестиции во Словенија за подобра позиционираност на европскиот пазар

„ИГМ-трејд“ е извозно ориентирана компанија, која што 95% од целосното производство во фабриката во Македонија го извезува на европските пазари.

Како дел од инвестициската стратегија на компанијата, во 2015 година, „ИГМ-трејд“ ја откупи некогашната словенечка фабрика ALPOS сместена во Шетнјур, Словенија.

„Оваа инвестиција нуди голем број, технолошки, логистички и маркетиншки предности и ѝ овозможува на компанијата да го зголеми присуството на пазарите во ЕУ и да понуди уште подобра услуга за своите клиенти во Западна Европа“ – наведуваат од компанијата на нивната веб страница.

Фабриката започна со производство во 2017 година со капацитет од 100.000 тони годишно.

Но, капиталните инвестиции во овој словенечки „огранок“ на „ИГМ-трејд“ не застануваат тука.

Според објавите во словенечките медиуми, плановите на ALPOS се во следните години да го прошири производството и да обезбеди дополнителни 100 работни места, со што бројот на вкупно вработени лица би се искачил на околу 165.

Освен во Словенија, „ИГМ-трејд“ инвестира во производствен капацитет во Бугарија, со што уште повеќе ќе го зголеми присуството на европските пазари.

Гринфилд инвестиции во Македонија

Освен во оваа браунфилд инвестиција во Словенија, „ИГМ-трејд“ продолжува да вложува и во „гринфилд“ инвестиции во Македонија.

Во 2014 година, компанијата инвестираше во земјиште кое се наоѓа на 2km од градот Неготино, кадешто започна со изградба на „Индустрискиот парк ИГМ“.

По повеќегодишна работа, денес компанијата нуди на изнајмување или на продажба објекти наменети за лесна и незагадлива индустрија, како и магацински простории.

Станува збор за индустриски парк сместен на површина од 312,900m2 (од кои 247,910m² се корисни простории, 45,025m² се искористени за зелени површини, патишта и пешачки патеки, а 19,965m² се наменети за паркинг простор).

Она што го прави атрактивен овој индустриски парк за идните инвеститори е добрата географска позиционираност.

Паркот се наоѓа на само 1km оддалеченост од автопатот Скопје - Солун, на 5km од железничката станица Криволак, на 70km од аеродромот во Скопје и на само 128km оддалеченост од пристаништето во Солун.

Инвестиции во обновлива енергија

Освен во изградба на нови капацитети „ИГМ-трејд“ во изминатите години е еден од најголемите инвеститори во производство на струја од обновливи извори.

Оваа инвестиција не само што има големо влијание врз работењето на компанијата, чиишто резултати во голема мера зависат и од трошоците за струја, туку и придонесува за поголема еконосмка стабилност на Македонија како држава.

Имено, не е толку далеку периодот, кога се најдовме среде енергетска криза заради преголемата увозна зависност, поради што голем број од индустриските компании во земјава претрпеа големи последици.

Во 2022 година „ИГМ-трејд“ пушти во употреба шест фотонапонски централи, а со решението на Регулаторната комисија, од декември 2022 година беше најавено на пуштање во употреба на уште 3 нови централи, со што вкупното производство ќе се зголеми на 5MW.

Со оваа одлука „ИГМ-трејд“ стана еден од најголемите инвеститори во производство на електрична енергија од обновливи извори.

Позитивни финансиски резултати и во време на криза

2023 година беше турбулентна за индустиското производство на метални цевки во Европа. Според официјалните податоци, заради последиците на војната во Украина и енергетската криза во европски рамки беше забележан пад на производството од околу 1,5 – 2,4%, што секако се одрази и врз работењето на нашиот „гигант“.

Во 2023 година, износот на вкупните приход на „ИГМ-трејд“ изнесувал 9.565.452.851 денари, додека износот на добивката пред оданочување е 990.053.276 денари.

Имено, компанијата, во споредба со претходната, 2022 година забележа пад на вкупните приходи за 2,10%, и пад на добивката пред оданочување од 50,77%.

Во поглед на ранг листата на најголемите компании, во 2023 година компанијата направи скок од 3 места нагоре (според на остварените приходи) и се најде на 20-тата позиција, додека во ранг листата на најуспешните (според добивката пред оданочување), „ИГМ-Трејд“ падна за 10 позиции и се најде на 12. место во споредба со претходната година.

Но, тоа не значи дека компанијата работи со загуби, напротив, „ИГМ-Трејд“ и понатаму е една од најпрофитабилните македонски компании, која придонесува за развојот на целокупната македонска економија. 

Најголеми компании во Кавадарци (2025) - Секторска анализа на раст, профит и индустриска трансформација

Кавадарци во 2025 година останува еден од најсилните индустриски центри во Македонија, со анализа на водечките компании од металната индустрија, автомобилскиот сектор, винарството, енергетиката и градежништвото. Статијата ги прикажува клучните трендови во растот на приходите, добивката и индустриската ефикасност во споредба со 2024 година.

Реплек: Десет години развој што отвори ново поглавје за македонската фармацевтска индустрија

Реплек одбележува деценија развој во производството на медицински канабис, со извоз во ЕУ, современи технологии и силна позиција во фармацевтската индустрија на Македонија.

Мермерен Комбинат: Прилепскиот мермер како глобален амбасадор на македонската индустрија

Мермерен Комбинат Прилеп е глобално препознатлив извозник на SIVEC® мермер, со силна профитабилност и водечка позиција во македонската индустрија благодарение на квалитет, ресурси и долгорочна визија.
Годишно издание

Публикацијата „200 Најголеми и Најуспешни“ е многу корисен извор на информации којшто на секој инвеститор му дава прецизна слика за финансиското и деловното работење на 200-те најголеми и најуспешни компании во Република Македонија.

Пазарот на хартии од вредност во основа го придвижуваат информации и во интерес на Берзата во најширока смисла е што поголем број на податоци за работењето на друштвата да бидат достапни на јавноста за да може да се носат правилни и издржани инвестициски одлуки.

МАКЕДОНСКА БЕРЗА АД, Скопје

Учесници
Соработници

Користиме колачиња (cookies) за да Ви овозможиме најдобро искуство на нашиот сајт